Холивудската ѕвезда Двејн Џонсон, познат по прекарот Карпата, дал интервју за „Фокс њус“ и на изненадување на многумина рекол дека нема да го поддржи Џо Бајден во трката за американски претседател, како што го поддржал во 2020 година на изборите на кои Бајден победи.

Џонсон рекол дека жали што го поддржал Бајден, додека ги споделувал своите ставови за „културата на откажување“.

Во неодамнешното интервју со Вил Кејн од „Фокс њус“, Карпата изразил жалење поради својата поддршка на Бајден за претседател во 2020 година.

– Дали сум среќен со состојбата во Америка во моментов? Па, тој одговор е не. Дали верувам дека ќе ни биде подобро? Верувам во тоа. Јас сум оптимист и верувам дека можеме да бидеме подобро – рекол Карпата.

Џонсон изјавил дека нема да го поддржи Бајден во трката за претседател во која противник ќе му биде Доналд Трамп.

– Поддршката што му ја дадов пред години на Бајден беше она што мислев дека е најдобрата одлука за мене во тоа време – рекол актерот. Но, сега работите се сменија.

– Дали ќе го направам тоа повторно оваа година? Тој одговор е не, нема да го направам тоа, бидејќи она што го сфатив, што тоа тогаш го предизвика, беше нешто што ми ја кине утробата, тогаш и сега, а тоа е поделеноста. И тоа ме погоди. Потоа почнав да сфаќам дека тоа предизвикало неверојатна количина на поделба во нашата земја – рекол Двејн.

За разлика од пред четири години, Џонсон сега одлучил да молчи и да не објавува кого политички поддржува, објаснувајќи го тоа со зборовите „Тоа е меѓу мене и избирачкото место“.

„Не би го направил тоа бидејќи мојата цел е да ги зближам нашите луѓе. Моите ставови ќе ги задржам за себе и мислам дека тоа е помеѓу мене и гласачките кутии“, објаснил Џонсон.

„Но, би сакал да истакнам дека иако, како и многумина од нас, не им верувам на сите политичари, имам доверба во американскиот народ и верувам дека за кого и да гласаат, ќе биде мој претседател и ќе го поддржам 100 отсто“, додал тој.

Недостигот на поддршка од познатиот актер може да биде удар за тимот на Бајден и за претседателската кампања во 2024. Пред четири години, Џонсон се најде на насловните страници кога седна со Бајден и Камала Харис и ја објави својата поддршка, која беше порака што ја промовира кампањата на Бајден.