Осомничениот за свирепото убиство во општина Старо Нагоричане, 25-годишниот Т.Б., е спроведен во затворот „К’шање“ во Куманово на издржување 30-дневен притвор, информираа надлежните институции. Од затворот соопштија дека по извршениот лекарски преглед, лицето е во добра здравствена состојба.
Во меѓувреме, истрагата се проширува откако обдукцијата на втората жена, за која беше наредена ексхумација, потврди дека и кај неа станува збор за насилна смрт.
„Станува збор за насилна смрт и кај втората помлада жена за која обвинителството побара ексхумација“, изјави директорот на Судска медицина, проф. д-р Александар Станков, додавајќи дека се земени ДНК примероци од двете жртви.
Обвинителството најави дека во наредните денови ќе биде наложена психијатриска процена на Т.Б. од страна на експерти од Клиниката за психијатрија. Истражните органи испитуваат и дали истиот сторител може да биде поврзан со повеќе убиства поради сличности во начинот на извршување на делата.
