Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик. Настанот се случил на скопската обиколница во близина на клучката кај Смилковско Езеро.

Според наводите на обвинителството, осомничениот 38-годишник на 21 ноември утрото со умисла го лишил од живот Един Шкријељ. На чинот му претходела вербална расправија меѓу двајцата, која претходно се одвивала преку мобилна апликација за комуникација.

Осомничениот со своето возило пристигнал на договорената локација и се паркирал спроти автомобилот со кој управувал Шкријељ. По излегувањето од возилата расправијата продолжила, по што осомничениот извадил огнено оружје и испукал проектил кон оштетениот. Куршумот го погодил во делот на левата нога, директно во феморалната артерија, што предизвикало обилно крвавење и смртен исход на самото место.

По извршеното дело, осомничениот веднаш побегнал со автомобилот во правец на селото Сингелиќ, а во текот на бегството го фрлил пиштолот за да се ослободи од доказите.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе официјален предлог за определување мерка притвор против осомничениот.