Основното јавно обвинителство Охрид отвори истрага против 53-годишен маж од тетовска Брвеница, осомничен за убиство од користољубие. Според обвинителството, мотивот бил имотот што требало да го добие по договор за доживотна издршка.

Според обвинителството, станува збор за Жарко Гроздановски, лидер на „Христијанско братство“, а мотивот бил имотот што требало да го добие по договор за доживотна издршка.

„На 25 март, осомничениот 53-годишник од тетовска Брвеница од користољубие лишил од живот едно лице. Делото го извршил во куќата на оштетениот во Охрид, со цел да го спречи сега починатиот Климе Митрески да го раскине договорот за доживотна издршка кој го склучиле кај нотар во февруари 2025 година. Според договорот, осомничениот по смртта на оштетениот требало да добие голем имот. Но, оштетениот веќе презел дејствија за раскинување на тој документ“, соопшти Јавното обвинителство.

По вербална расправија, осомничениот го нападнал оштетениот од зад грб, го соборил на подот и неколкупати го удрил со бокс во главата.

„За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот, со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото“, се вели во соопштението на ЈО.

Присуството и дејствијата на осомничениот се евидентирани на снимки од видео надзор поставен во куќата на жртвата, а во текот на постапката се обезбедени и дополнителни материјални докази, вклучително и снимки од неговото движење.

Обвинителството посочува дека станува збор за особено тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, како и дека постои опасност од бегство и попречување на постапката.