Ученици често се соочуваат со неправда, со незаслужени оценки во одделението, многу често родители интервенираат за да се поправат оценките, кажуваат дека имаат притисок од родителите да бидат секогаш одлични покажаа анкетите спороведени во рамки на кампањата „Бидете херои на чесноста“.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска денеска, во рамки на кампањата „Бидете херои на чесноста“, беше во посета на основното училиште „26 Јули“ во скопската населба Шуто Оризари.

Многу е важно учениците да знаат да си градат вредности во себе, да не учат за оценки, туку да учат за знаење и од нив понатаму да произлезат професионалци, коишто ќе го градат ова општество. Тоа е нашата цел, нагласи Ивановска.

Таа подвлече дека родителите се појавуваат како клучни фигури, кои треба да им го осветлат патот на своите деца, покажувајќи дека потпирањето на „врските“ не е траекторијата што ја замислуваме.

Ивановска појасни дека станува збор за кампања што ја спроведуваат во 13 училишта во државата.

Во моментов сме веќе во петтото училиште и значи ќе продолжиме уште во осум училишта. Ова е последно скопско училиште, а понатаму продолжуваме низ државата, во штипско – кочанскиот, во струмичкиот, охридскиот, тетовскиот регион и така натаму, значи ќе бидат опфатени уште осум училишта. Кампањата е со цел да се доближиме до децата, да видиме со какви проблеми се соочуваат, како ја чувствуваат неправдата. Со еден збор, сакаме да видиме, да им помогнеме ова општествено зло корупција, полесно да го препознаваат, рече Ивановска.

Директорката на училиштето, Бесаре Сејди појасни дека ова училиште е лоцирано во повеќеетнично општество, значи како еден микрокосмос на општеството.

Во нашето училиште, нашите ученици веќе знаат што е корупција, запознаени се и мислат дека се краде од нивната иднина. За да ја задржиме иднината, за да имаат цел нашите ученици, да студираат, да останат во оваа наша убава држава, мислам дека сме тие кои треба да ги вградат тие вредности, чесноста и други убави вредности кај нив. Со кампањата почнавме од април, се вклучија наши ученици, родители и наставници, додаде директорката.

Оваа антикорупциска едукативна иницијатива, предводена од Државната комисија за спречување на корупцијата, е дел од поширокиот чадор на Активноста за антикорупција и интегритет, која ја спроведува Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје, со финансиска поддршка обезбедена од УСАИД.