Управата за јавни приходи започна да ги анализира паричните приливи од странство што граѓаните ги добиле во текот на 2021 година. Проверките се спроведуваат врз основа на информации доставени од банките, а дел од граѓаните веќе добиле индивидуални известувања за евентуални неплатени даночни обврски.

Од УЈП посочуваат дека граѓаните треба да ги проверат своите приливи и да постапат согласно законските прописи доколку утврдат дека оствариле доход што подлежи на оданочување. Во случај обврските да не бидат исполнети доброволно, институцијата најавува дека ќе ги искористи законските механизми за утврдување и наплата на данокот.

Сепак, од Управата нагласуваат дека самото примање пари од странство не значи дека автоматски постои обврска за плаќање данок. Одлучувачки е основот по кој се примени средствата и дали тој е опфатен со Законот за данокот на личен доход.

Меѓу приходите што може да подлежат на оданочување се платите и хонорарите од странство, заработката од фриленс-работа и интелектуални услуги, приходите од издавање недвижности преку платформи како Airbnb и Booking.com, како и капиталните добивки од продажба на имот, криптовалути и хартии од вредност. Во оваа категорија може да спаѓаат и дивидендите, каматите, авторските надоместоци и добивките од игри на среќа.

Од друга страна, парите добиени како подарок, семејна финансиска помош или позајмица не се сметаат автоматски за оданочив доход. Исто така, трансферите преку Western Union, Ria, MoneyGram и слични сервиси не создаваат даночна обврска само поради начинот на кој се испратени.

„Даночниот третман зависи од вистинскиот основ на приливот и од тоа дали станува збор за доход што подлежи на оданочување согласно законските одредби“, појаснуваат од УЈП.

Поради тоа, граѓаните треба да располагаат со документација со која ќе можат да го потврдат потеклото на парите и причината за нивната исплата, особено ако добијат известување од Управата.

Од УЈП ги повикуваат лицата што остварувале приходи од странство да проверат дали имаат обврска за пријавување. Доколку е потребно, треба да поднесат електронска пресметка за аконтација на данокот на личен доход, позната како е-ППД, и да го уплатат утврдениот износ.

Информации за пријавувањето, плаќањето на данокот и примената на договорите за избегнување двојно оданочување се достапни на официјалната веб-страница на УЈП и преку системот за електронски даночни услуги.

За дополнителни појаснувања, граѓаните можат да се обратат на електронската адреса info@ujp.gov.mk, на бесплатниот телефонски број 0800 33 000 од фиксна линија или на 02 3253 200 од мобилен телефон, како и лично во канцелариите на Управата.