„Актуелности“, локалниот портал за вести во Кочани, известува дека синоќа од кругот на Јавната здравствена установа „Општа болница“ во Кочани е украдено едно возило на брзата медицинска помош, марка „Тојота“.
Порталот се повикува на неофицијални, но добро упатени извори. Вработен од болницата изјавил дека полицијата извршила увид во здравствената установа.
Се работи за возило кое Општа болница го доби како донација. Во последно време во регионот има зачестени кражби на трактори, автомобили и комбиња.
Неколку часа по настанот возилото, без видливи оштетувања, било пронајдено во близина на јавната здравствена установа, а настанот е пријавен во полиција, подоцна излезе со известување МИА.
-Веднаш откако вработените забележале дека возилото го нема, пријавиле во Полициската станица во Кочани, по што полициски службеници направиле увид и очекуваме да го откријат сторителот или сторителите. Се работи за постаро возило oд марката тојота, што Итната медицинска помош го користи само повремено и за кратки релации во градот или до блиските населени места. Веројатно се работи за млади лица кои на овој начин сакале да се забавуваат, а полициската истрага треба да покаже како тие влегле и го стартувале возилото, истакна Александар Серафимов, директор на Општата болница во Кочани.
Службата за Итна медицинска помош во болницата во Кочани има уште неколку понови возила што се користат за транспорт на пациенти до Штип и Скопје, а едно од нив во март минатата година беше тешко оштетено во сообраќајна несреќа при судир на патот Кочани – Штип