Киев со иницијатива за разговори со Москва

Украинските власти изразиле подготвеност да се одржи средба меѓу претседателот Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин, при што како можна локација ја посочиле Турција.

Шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха соопшти дека предлогот е испратен и до други држави.

„Ги прашавме Турците за тоа, ги прашавме и некои други престолнини“, изјави Сибиха.

Подготвеност за различни локации, со исклучоци

Киев, според Сибиха, е отворен за состанок на која било локација што не е во Русија или Белорусија. Тој додаде дека Украина ќе реагира доколку друга држава понуди организација на ваков состанок.

Руски предлог за Москва и украински став

Претходно од Москва беше соопштено дека Русија е подготвена да го прими Зеленски. Украинската страна, пак, повеќепати нагласи дека таква посета не доаѓа предвид.

Белорусија се смета за близок сојузник на Русија и во 2022 година овозможи нејзина територија за почеток на инвазијата врз Украина.