Земјите членки на Европската Унија дадоа зелено светло за официјално отворање на првото поглавје од пристапните преговори со Украина и со Молдавија, соопшти украинската премиерка Јулија Свириденко.
Свириденко ја поздрави одлуката преку објава на социјалната мрежа Икс, оценувајќи ја како одлична вест со која Украина и Молдавија значително се приближуваат до полноправно членство во Европската Унија.
Потврда стигна и од Кипар, кој во моментов претседава со ЕУ, од каде што соопштија дека се почнати сите неопходни технички подготовки за формалното отворање на првата преговарачка фаза.
Кипарските власти оценија дека ова е исклучително важен чекор во евроинтегративниот процес на Украина и на Молдавија, но и силна порака за единството и одлучноста на Европската Унија.
Првото преговарачко поглавје главно се фокусира на исполнувањето на економските критериуми, функционалноста на демократските институции и спроведувањето сеопфатни реформи во јавната администрација.
