Украина прифати 30-дневен прекин на огнот: На потег е Путин

Украина соопшти дека е подготвена да го прифати американскиот предлог за првичен 30-дневен прекин на огнот со Русија, во заедничко соопштение објавено по состанокот во Саудиска Арабија, јавува CNN.

Од Вашингтон веднаш потврдија дека ќе продолжат да споделуваат разузнавачки информации и да ѝ даваат „безбедносна помош“ на Украина. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека „топката сега е кај Русите“ и дека ќе ја однесе понудата до Москва.

„Оваа понуда е за целосен прекин на огнот – да се запре пукањето“, истакна Рубио.

„Денес луѓе ќе умрат во оваа војна, тие умираа вчера и – за жал – ако не дојде до прекин на огнот, ќе умираат и утре“, рече Рубио, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп сака да ја стави војната во Украина конечно да заврши.

Рубио додаде дека се надева оти Русија ќе се согласи со прекинот на огнот, но ако не го направи тоа, „тогаш ќе биде јасно кој е вистинската пречка за мир“.

Зеленски: На САД е да ја убедат Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на Доналд Трамп за „конструктивноста на разговорите меѓу нашите тимови“ кои денеска се одржаа во Џеда.

Во видео порака, Зеленски повтори дека украинската страна го прифаќа предлогот на САД за прекин на огнот во воздухот, на морето и по целата линија на фронтот.

„Ова го сметаме за позитивен чекор и сега останува на САД да ја убедат Русија да се согласи“, истакна Зеленски.

Еден од клучните аспекти на разговорите, според него, бил договорот за продолжување на размената на разузнавачки информации меѓу Вашингтон и Киев.

„Украина е подготвена за мир“, нагласи тој.

Зеленски рече дека Русија мора да покаже дали навистина сака да ја заврши војната или да продолжи да војува. Тој рече дека е време за вистината. Се заблагодари на донаторите на Украина.

Трамп: Ќе ја запрам војната, Зеленски повторно поканет во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп го коментираше развојот на настаните. Тој повтори дека негова главна цел е да ја запре војната.

Воедно, Трамп најави дека ќе го повика Зеленски на нова посета на Белата куќа. Се очекува веќе следниот период да се разговараат за идните чекори за постигнување траен мир.