Јуриј Захариев од Украина е победник на 55. издание на престижниот Меѓународен боксерски турнир „Златен гонг“ што се одржа во Скопје.

За најдобра боксерка на годинешното издание на турнирот беше прогласена Лаура Галино Лопез од Шпанија, додека признанието за најдобар македонски боксер му припадна на Алин Насуфи.

Репрезентацијата на Украина покажа целосна доминација во финалните борби, поради што беше официјално прогласена за најдобра селекција на турнирот. Признанието за најдобар тренер отиде во рацете на Олег Кудинов, додека за најдобар судија беше избран Дмитро Лазарев.

Наградата за најдобар техничар ја освои Габриел Штрајх од Германија.

Борбата во категоријата од 55 до 60 килограми меѓу Башким Бајоку од Косово и Васко Олександар од Украина ги освои симпатиите на присутната публика со својата борбеност. Овој дуел заврши во корист на Олександар со резултат 4-1, а организаторите го оценија како борба на финалето на „Златниот гонг“ и ги прогласија двајцата натпреварувачи за најборбен пар.

Интересен и динамичен бокс прикажаа и тешкашите Андриј Калцеки од Украина и Марко Пртљачиќ од Хрватска.

Доминацијата на украинските претставници успеа да ја прекине германскиот боксер Габриел Штрајх, кој со тесна победа од 3-2 успеа да слави против Давид Жижавињ.

На овогодинешното издание на „Златниот гонг“ зедоа учество вкупно 89 боксери кои допатуваа од 20 различни земји.