Македонија добива значајна поддршка од Унгарија во борбата со шумските пожари. Според објава од Золтан Ковач, Државен секретар за меѓународна комуникација и портпарол на унгарската влада, Унгарија ќе испрати три специјализирани противпожарни камиони. Оваа поддршка е потврдена по телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи, Петер Сијарто и Тимчо Муцунски.

Сијарто изразил солидарност со Македонија, истакнувајќи дека е важно да се помогне на пријателите во вакви кризни моменти. Токму затоа, Унгарија испраќа опрема која ќе овозможи ефикасно гаснење на пожарите. Ковач истакна дека оваа поддршка е важна за контролирање на пожарите кои претставуваат сериозен предизвик за државата.

Министерот Муцунски се заблагодари за брзата реакција и поддршката од унгарската страна, нагласувајќи дека Владата и Министерството ги користат сите расположливи механизми за побрзо справување со огнените стихии. Помошта од Унгарија е од големо значење во овој период на голема криза.