Унгарија сака да ги види деталите за предлогот на Европската унија за санкции против увозот на руска нафта и гас пред да одлучи дали ќе го блокира предлогот или не, изјави денеска Гергељ Гуљаш, шеф на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
– Би сакале да видиме какви предлози се на маса и дали има алтернатива за замена на ресурсите што доаѓаат од Русија, рече Гуљаш на новинарско прашање дали Унгарија ќе стави вето на санкциите на ЕУ за руската нафта и гас.
Тој додаде дека што се однесува до увозот на гас, таква алтернатива во догледна иднина нема.
– Не само унгарската, туку и германската економија би била уништена и ќе западне во длабока рецесија без рускиот гас, така што секоја дебата за тоа или морализирање е бесмислена. Ситуацијата не е многу поповолна ниту кога е во прашање нафтата, но има повеќе алтернативи, изјави Гуљаш.