-Сите напори кои се вложиле покажуваат оти има задоволство од оваа учебна година, во однос на претходната. Онлајн учењето е задоволително и можеме да кажеме дека сме имале успешна година, а тоа го покажуваат искуствата на сите вклучени страни – изјави министерката за образование, Мила Царовска.
Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани, предупреди дека последиците од наставата на далечина уште долго ќе влијаат врз децата.
-Кога преминавме на онлајн настава минатата учебна година многу деца не ни можеа да се приклучат на истата, наставниците не се снаоѓаа и повеќе родители сакаа отворање на училиштата, но за жал пандемијата тоа не го дозволи. Сепак, оваа учебна година МОН успеа да понуди комбиниран модел на настава, дури и отворање на училиштата за најниските одделенија. Но, кога станува збор за онлајн учењето, иако има подобрување на сите аспекти, сметам дека акцентот треба да се стави на отворање на училиштата, бидејќи последиците од изолирањето на децата дома допрва ќе се чувствуваат – истакна Џовани, додавајќи и оти токму со примена на техниките од онлајн наставата во наставата со физичко присуство ќе може да се добие поуспешен модел на предавање.
Истражувањето укажува дека оваа година учениците кои следеле онлајн настава биле многу помотивирани од лани, самиот процес подобро организиран, а наставата пред сè се реализирала „лице в лице“ на онлајн алатките како „зум“ и „мајкрософт тимс“ .
Според презентацијата која денес се реализираше од страна на институтот, дури 98% од анкетираните 2.792 наставници кои работеле онлајн настава, наставата ја реализирале директно на платформите за онлјан учење што е двојно поголем процент од лани кога било правено првото истражување во кое само 44% на овој начин држеле настава.
Значително се намалил и процентот на оние наставници кои наместо да држат настава морале да праќаат материјали или да ги информираат учениците и родителите од каде треба да учат. Така, според истражувањето лани дури 57% од наставниците биле принудени на овој начин да „одржуваат настава“ додека оваа година само 15% рекле дека морале во одреден момент на овој начин да работат.
Се бележи значителен напредок и во однос на начинот на проверка на знаењето. Дури 77% од наставниците оваа година рекле дека испрашувањата и проверките на знаење се правеле усно на некоја од онлајн платформите, додека изминатата учебна година само 34% од наставниците го правеле испрашувањето усно што претставува двојно подобрување.
Самите ученици со кои биле спроведувани интервјуата потврдуваат дека оваа година организацијата и квалитетот на онлајн наставата е далеку подобар.
-Оваа учебна година имаше многу подобра организација на наставата онлајн во споредба со претходната година. Со воведување на Microsoft Teams бевме во состојба да споделуваме мислења со наставниците во чат. Минатата година ништо не беше возможно. Тие три месеци беа комплетно изгубено време, вели ученик учесник во квалитативното истражување на УНИЦЕФ.
Самите ученици, пак, се изјаснуваат како многу позадоволни оваа година од лани. Имено на прашањето: „Севкупно, колку си задоволен/а од поддршката која ја доби од училиштето и од наставниците додека се одвиваше учењето од дома?“ високи 68% од анкетираните ученици рекле дека се многу или прилично задоволни во споредба со лани кога само околу 40% биле задоволни.