Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип соопшти дека ги ставил во мирување работните односи на двајцата вработени против кои Основното јавно обвинителство Штип поведе постапка.
На двајцата им се одземени сите системски и администраторски пристапи до електронскиот систем за студентски досиеја.
Од Ректоратот информираат дека проверката се однесува на ограничен број случаи поврзани со постапките за запишување студенти. Според Универзитетот, студентските досиеја и евиденцијата надвор од овие случаи не се засегнати.
Од УГД посочуваат дека електронскиот систем содржи механизми за евидентирање на сите интервенции, преку кои може да се утврди евентуална индивидуална одговорност. Податоците за кои постои сомневање дека биле внесени нелегитимно се предмет на истрагата.
Универзитетот најави целосна соработка со обвинителството и Министерството за внатрешни работи до целосно расчистување на случајот.
Од Ректоратот ги повикаа студентите, професорите и вработените да пријавуваат сомнежи за евентуални злоупотреби на службената положба, посочувајќи дека пријавувањето може да биде и анонимно.
