Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека овој пожар полека се става под контрола, во што учествуваат и екипите од Австрија, Словенија и Бугарија и хеликоптер на АРМ.
Вчера имаше 14 активни пожари, моментално се само четири и очекуваме во текот на денот да биде изгаснат оној кај Будинарци. Во гаснењето на овој пожар се ангажирани повеќе од 500 лица, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Пожарот во атарот на делчевското село Нов Истевник, кој почна уште на 2 август, конечно е локализиран и ставен под контрола.
Поради непристапниот терен, пожарот над селото Раовиќ во Општина Сарај и натаму е активен и претставува потенцијална опасност за ловиштето Јасен и Матка. Овој пожар се дели на два крака, од кои еден се движи во правец на Матка. Најавено е дека во гаснењето ќе се вклучи и романскиот противпожарен авион.
Пожарите во општините Штип, Прилеп, Петровец и Чашка се ставени под контрола, иако на некои места сè уште гори. Таков е случајот со пожарот во Петровец, кој од селото Дивље се пренасочи кон Средно Коњаре.