Кочани утрово се разбуди со трагична вест која ги потресе жителите на градот и вработените во здравствените институции. Почина Иле Гоцевски, долгогодишен возач во службата на Итната медицинска помош, човек кој со години посветено им помагаше на граѓаните во најтешките моменти.
Колегите од Општата болница Кочани, каде што Гоцевски беше дел од тимот, се во шок и неверување. Вчера, како и секој ден, извршуваше свои работни задачи, транспортирајќи пациенти и повредени лица, давајќи го својот максимум за да им помогне на оние на кои им е најпотребно. По напорниот и долг ден, се вратил дома да одмори, но, за жал, не се разбудил.
За него сведочат како за пожртвуван и професионален човек, секогаш подготвен да помогне, без оглед на времето и условите. Неговата посветеност кон работата и човечноста што ја покажувал кон пациентите ќе останат запаметени меѓу колегите и сите што го познавале.
Оваа ненадејна загуба е тежок удар за неговото семејство, пријателите и колегите, кои денеска се простуваат од него со голема тага. Кочани загуби човек кој животот го посвети на спасување други животи.