Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), од вкупниот број пријавени, 7050 се од гимназиско образование, 7983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование. Сите тие ќе го полагаат предметот мајчин јазик – македонски јазик и литература ќе полагаат 10 848 кандидати, албански јазик и литература 4078, а 272 – турски јазик и литература.
Вториот екстерен испит, кој е изборен, ќе го полагаат на 11 јуни. Математика избрале да полагаат 1529 матуранти. Како и во минатите години, повеќе се определиле за странски јазик, а најголем број пријавени има за англиски (13 452). Германски јазик ќе полагаат 140, француски јазик 32, руски јазик 18.
Математика и странски јазик се избор за учениците од гимназиското и од стручното образование, додека за учениците во училиштата од уметностите – странски јазик е во алтернација со филозофија (во училиштата за ликовно образивание и има 14 пријавени) и со естетика (во училиштата за музичко образование и се пријавени 66 кандидати).
Според наставниот јазик, на македонски на 11 јуни се пријавени да полагаат 10 886 матуранти, на албански 4134 и на турски наставен јазик 274.
Резултатите од тестовите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од последниот (вториот) екстерен испит.
Минатата година матурата не беше организирана поради пандемијата, а за оваа година е утврден здравствен протокол за деновите на полагањето. Најмногу 15 ученици е дозволено да бидат во училница, самите училишта ќе предложат по колку можат да сместат на испитите и во некои бројот ќе биде помал од овој максимум.
Ќе има околу 2000 тестатори и околу 300 набљудувачи, кои се вакцинирани, а за матурантите кои на испитите на 5 и 11 јуни ќе имаат коронавирус или ќе бидат во изолација, овозможени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни, со приложување потврда до училишните комисии.
По полагањето на екстерните, матурантите до крајот на месецов ќе ги полагаат и двата интерни испита во училиштата, а покрај нив имаа и обврска за изработка на проектна задача која, според календарот, се реализираше од 15 март до 30 април.
Скратени се и испитните програми за предметите опфатени со матурата (екстерни и интерни) што, покрај намалувањето на бројот на екстерни испити од три на два, беше, исто така, меѓу барањата на Средношколскиот сојуз и прифатено од Владата во февруари.
Матурантите што нема да ја положат матурата во јуни или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот екстерен и 13 август за вториот екстерен испит.