По успешната премиера (20 декември) во Националната опера и балет на 22 декември со почеток во 20.00 часот, репризно ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ – инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов на Ацо Шопов, а по повод одбележување 100 години од раѓањето на поетот.

Креативниот мозаик е составен од авторите: идејата за проектот и костимографијата е на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се: Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски , сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник – Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм: Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн – Лазе Трипков, а поетско читање ќе слушнеме од актерот Никола Ристановски. Асистент костимограф е Ангела Богеска, светло: Јакуп Јакуп, Нино Митевски, Перо Марачков.

Поезијата на Шопов односно истоимениот циклусот поезија ќе биде „прочитана“ со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и останатите уметници.

Во формат на триптих, балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно „сплотување“ на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.