Сончево и топло време со мала до умерена облачност се очекува утре во земјава, најави Управата за хидрометеоролошки работи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

Најниската утринска температура ќе биде измерена во Берово, каде што ќе се спушти до 12 Целзиусови степени. Најтопло ќе биде во Велес, Штип и Гевгелија, со максимална дневна температура до 35 степени.

За време на викендот, под влијание на циклонска активност, ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. На одделни места врнежите ќе бидат поројни и пообилни, со над 15 литри на квадратен метар, а ќе бидат проследени со грмежи и засилен северен ветер со брзина поголема од 40 километри на час.

Од сабота дневните температури ќе почнат да опаѓаат. Потоа, до средината на следната седмица, се очекува релативно стабилно и посвежо време.

Во Скопје за време на викендот ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.