Од утре (29 март) започнува етапната исплата на мартовските пензии, кои се повисоки за 1.000 денари.

Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, повеќе од 330 илјади пензионери ќе ги добијат дополнителните 1000 денари со исплатата на мартовската пензија преку договорената директна финансиска помош која ќе биде исплатена и во месеците април и мај.

Пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од Ковид 19.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата: за пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.03.2022 година (вторник); за пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.03.2022 година (среда); за пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 31.03.2022 година (четврток); и за пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.04.2022 година (петок).

Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 29 март (вторник). Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

-Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје, наведуваат од МТСП.