Од 2 милиона и 500 илјади граѓани со македонско државјанство досега патна исправа извадиле 1 милион и 200 илјади граѓани, а остануваат околу 1 милион и 300 илјади. Тие 1 милион и 300 илјади не можат да бидат издадени до февруари –реагираат ВМРО-ДПМНЕ, објави Вечер.

Од овие причини опозициската партија утре ќе поднесе претставка до Уставниот суд за ставање во сила на делот од Законот за патни исправи со кој се обврзуваат граѓаните да ги сменат своите патни исправи до февруари, во согласност со Преспанскиот договор. Лидерот Христијан Мицкоски деновиве рече дека законот за лични документи треба да биде вон сила сè до следно одлучување дали е тој уставен или не.

Опозициската партија ја обвинува власта дека создала хаос поради неспособноста да организира издавање на патни исправи.

– Поради неспособните Ковачевски и Спасовски илјадници граѓани два месеца наназад чекаат на минусни температури и по неколку часа на ден, за да дојдат на ред да се сликаат за нова патна исправа. Дополнително, власта ја остави државата и без обрасци за патни исправи. Интенцијата на власта е да се создаде дополнителен хаос и компликации, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ еден ден пред поднесување на претставката.

Во меѓувреме, и во саботата пред пунктовите на МВР имаше стотици граѓани кои револтирано чекаа со часови. За да се намалат големите турканици при издавањето лични документи, шалтерите во „Беко и во Македонската радио-телевизија во Скопје работеа, од 8 до 16 часот, но сликата од МРТВ беше иста како и во изминатите денови.

– Чекам два саата, но се откажав. Јас сум возрасен човек, не можам толку долго да стојам и решив да си заминам. Ова е срамота, реагираше еден повозрасен скопјанец.

И многу Македонци во дијаспората стравуваат дека нема да можат да ги обноват своите пасоши до февруари, и со тоа нема да можат да влезат во државата, реагираа од Обединетата Македонска Дијаспора, кои во саботата испратија отворено писмо до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Од ОМД прашуваат како ќе им се овозможи на македонските граѓани кои нема да ги обноват патните исправи до 12 февруари да гласаат на претстојните претседателски и парламентарни избори и порачуваат дека институциите треба да ја продолжат важноста на документите.

-На Македонците во дијаспората им е обично потребно една година, ако не и повеќе, да извадат нови патни исправи, а ОМД вложила многу време и труд, работејќи со конзуларните претставништва, за да им помогне на илјадници Македонци да добијат државјанства и нови патни исправи. Поставувањето на арбитрарни датуми, како овој во февруари, е многу штетна политика. Повеќе од веројатно е дека многу Македонци во дијаспората нема да можат да ги обноват своите пасоши во овој рок, со што ќе биде спречено нивното влегување во Република Македонија, се вели во писмото од ОМД.

Отааму бараат да се воведат специјални мерки за гласање на дијаспората, меѓу кои онлајн услуги за обновување на документи со верификација на ликот и отпечаток од прст, како и вработување на стручен персонал во сите македонски амбасади и конзулати. Но, од МВР одговорија дека како и до сега, секој граѓанин на Македонија може да влезе во земјава и дека ако му се истечени документите, тука ќе може да ги обнови.

Премиерот Димитар Ковачевски деновиве најави дека Владата ја разгледува опцијата да го продолжи рокот за замена на документите до септември или октомври откако овој предлог го даде претседателот Стево Пендаровски. Ковачевски кажа дека личните карти ќе важат и по истекот на рокот, а дека за пасошите уште се разговара. Околу продолжување на рокот на пасошите, кој според Преспанскиот договор завршува на 12 февруари, министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве имаше разговори со амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, но немаше детали за јавноста.