Судот прифати хипотека како гаранција, определени се и мерки на претпазливост
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, по една година помината во притвор, ќе се брани од слобода откако Кривичниот суд ја прифати понудената гаранција обезбедена со хипотека на недвижен имот.
Според соопштението на судот, покрај Васев, од притвор е ослободен и поранешниот економски директор Артан Нухи, откако станале правосилни решенијата со кои им се определуваат гаранции.
„На обвинетиот Н.В. му е определена гаранција во износ од 183.981 евра во корист на Република Северна Македонија, која се состои од ставање под хипотека на недвижен имот, додека на обвинетиот Н.Н. му е определена гаранција во износ од 348.049 евра, исто така со ставање под хипотека на недвижен имот.
Воедно, на обвинетите им се определени и следните мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето на територијата на град Скопје;
обврска еднаш месечно да се јавуваат во судот; и привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница.При одлучувањето, покрај позитивното мислење на Јавното обвинителство, Советот го имал предвид и фактот дека мерката притвор, определена со решение на Апелациониот суд Скопје, согласно законските одредби, може да биде продолжувана и да трае најдоцна до 18 јули 2026 година.
Со оглед дека надлежното обвинителство се откажа од правото на жалба против овие решенија, а хипотеката понудена како гаранција е веќе впишана во Катастарот на недвижности, истите станаа правосилни, по што обвинетите се ослободени од притвор“, стои во соопштението на Кривичниот суд.
Обвинети за злоупотреба, измама и проневера
Васев е еден од обвинетите во предметот „Онкологија“, кој се однесува на финансиското работење на Клиниката за онкологија.
Заедно со поранешниот економски директор Артан Нухи, тој се товари за продолжени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата. Според обвинението, делата биле извршувани во периодот од 2018 до 2022 година.
Покрај злоупотреба на службената положба, двајцата се обвинети и за измама во службата и проневера.
