Американскиот Стејт департмент го потврди предупредувањето од второ ниво за патување во Германија, советувајќи ги сопствените граѓани на зголемена претпазливост при престојот во оваа европска земја.

Ваквата одлука ја става германската држава во понеповолна положба во однос на централноевропското опкружување, што директно ги менува плановите на американските туристи кои летово патуваат низ Европа. Главната причина за ваквата проценка од Вашингтон останува континуираниот ризик од терористички напади на јавни места.

Стејт департментот ги дели земјите во неколку безбедносни категории, а второто ниво бара од патниците да бидат дополнително внимателни поради можни безбедносни закани. Заедно со Германија, на истото ниво се наоѓаат и Франција, Италија и Шведска, каде американските власти проценуваат дека постои постојан ризик од радикални поединци или групи.

Вашингтон посочува дека јавните простори, сообраќајните јазли и туристичките атракции остануваат потенцијални мети за напади со ладно или огнено оружје, експлозивни направи и возила.

Одлуката создава очигледен раздор меѓу Германија и нејзините непосредни соседи. Држави како Швајцарија, Австрија и Полска се рангирани на најниското, прво ниво на безбедност, за кое не важат посебни предупредувања.

Иако целата територија на Шпанија се води на истото второ ниво како Германија, американските власти дополнително го заострија предупредувањето за ексклавата Сеута. Поради масовниот прилив на мигранти од Мароко и ангажманот на шпанската војска и полиција, за ова подрачје е издадено предупредување од трето ниво со директен совет да се преиспита секое планирано патување.

Промената на безбедносната мапа директно влијае врз транзитните и туристичките маршрути во Европа. Со оглед на тоа што Германија е главен сообраќаен и авионски центар за американските патници што доаѓаат во Југоисточна Европа, подигнатото ниво на претпазливост може да ги пренасочи туристичките текови кон постабилни алтернативни рути низ Централна Европа.