МВР ги заврши процедурите, право на обука имаат возачи со најмалку пет години искуство со „Б“ категорија
Министерството за внатрешни работи соопшти дека се завршени сите формално-правни и технички подготовки за спроведување на законските измени поврзани со управување мотоцикли до 125 cm³. Од утре граѓаните ќе можат да посетуваат обука во автошколи кои поседуваат лиценца за категоријата „А1“.
Според МВР, обуката ќе ја реализираат автошколи што имаат овластување за „А1“ категорија, а по нејзиното завршување ќе издаваат и соодветна потврда.
„Во врска со задолжителната обука за управување на мотоцикл до 125cm³ (категорија „А1“ со автоматски менувач, до 11 kW), обука и потврди можат да спроведуваат и издаваат автошколи кои имаат лиценци за „А1“ категорија. Обуката трае четири часа и опфаќа клучни теми за безбедноста: заштитна опрема, контрола и стабилност на мотоциклот, превоз на сопатник и справување со ризици на патот“, соопшти МВР.
Потребно е лекарско уверение и немање забрана за управување
Од Министерството посочуваат дека кандидатите ќе треба да приложат лекарско уверение, како и потврда дека немаат изречена забрана за управување со возило од „Б“ категорија.
„Воедно, ги информираме граѓаните дека потребно е кандидатот да достави лекарско уверение, како и потврда дека нема забрана за управување од „Б“ категорија. Доколку лицето кое се стекнало со потврда добие забрана за „Б“ категорија автоматски повлекува и забрана за управување со потврдата“, наведуваат од МВР.
Правото да посетуваат ваква обука го имаат лица кои имаат најмалку 23 години и поседуваат важечка возачка дозвола од категорија „Б“ најмалку пет години.
Од МВР потсетуваат дека управување мотоцикл до 125 кубни сантиметри нема да биде дозволено без претходно помината теоретска обука и издадена потврда од овластена автошкола.
