Електричните велосипеди конечно ќе бидат ставени во функција во Велес, откако беа набавени пред речиси две години, пренесува СДК.

На последната седница на Советот на Општина Велес, едногласно беа прифатени планот и програмата за работа со нив, предложени од ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ (ПСП).

Со планот се предвидува 20 електрични велосипеди да бидат поставени на две локации, во спортската сала „Гемиџии“ и на езерото Младост, во објектот кај првата плажа изграден токму за оваа намена. Цената за изнајмувањето е 60 денари за час и ќе биде можно сите седум дена во неделата, во периодот од 10 до 20 часот, шест месеци во текот на годината.

„На скала до 10, состојбата на велосипедите е меѓу 3 и 4. Нивната гаранција истекува следната година. Ќе видиме како ќе реагираат велешани и корисниците. Се надевам дека нема да завршат во Вардар или да бидат оштетувани. Платени се скапо, а не се од врвен квалитет“, рече Зоран Јаневски, в. д. директорот на ПСП.

За активирањето на овие електрични велосипеди ПСП предвиде времено ангажирање на три лица за изнајмување и поправка, како и обезбедување возило со кое ќе се пренесуваат велосипедите.

Набавката на велосипедите чинеше 2,7 милиони денари и вклучува смарт брави за заклучување, софтверско решение и апликација за корисниците. Средствата беа обезбедени од грант на ЕУ, во рамките на проектот „Паметно езеро Младост“. Беа набавени во септември 2021 година.