Католичките верници го прославија Христовото Воскресение

Верниците на Римокатоличката црква денеска го одбележуваат Велигден, најголемиот христијански празник кој го симболизира Воскресението Христово. Во Македонија, централното одбележување се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија.

На литургијата присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска, претставници на верските заедници, граѓанските власти, дипломатскиот кор и личности од јавниот и општествениот живот.

Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата и внесување на воскресната свеќа во храмот. Литургијата ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко–скопски епарх, Киро Стојанов, кој ја прочита воскресната проповед и им го честиташе празникот на верниците.

„Драги браќа и сестри! Велигденскиот пост, во римскиот обред, го започнавме со посипување пепел на нашите глави како знак на покајание и свест за сопствената ранливост и минливост, но и за нашата грешност, што нè охрабрува да се покаеме и да се вратиме кај нашиот Небесен Отец, изворот на секое добро.

Како и во претходните години, за жал и оваа година, за време на подготовките за прославата на празникот Воскресение Господово, слушаме вести што ни доаѓаат од подрачја зафатени со војна. Во февруари го започнавме нашето Велигденско патување кон прославата на Христовото Воскресение и во нашите умови и во потсвеста некако постојано се појавува и избива на површина фактот дека токму во овој месец се одбележува четири годишнината од почетокот на големата инвазија врз Украина, со што започна војната, која, како што вели папата Лав XIV, „како рана беше нанесена на целото човечко семејство“ и остави лузни врз многу генерации. Со голем копнеж и емпатија за сите оние што страдаат, постојано ги упатуваме нашите повици до Творецот на човештвото да ги охрабри срцата на оние што се одговорни за ова насилство да тргнат по патот на преобразување и да вложат напори за барање и воспоставување праведен мир.

На Блискиот Исток, крвта од минатите конфликти сè уште не се исушила на земјата каде што била пролеана, а нов конфликт веќе повторно се разгоре, ширејќи се во околните земји, со насилство и уништување, продолжувајќи да шири омраза и страв, што предизвикува кај нас загриженост. Христијаните во овие земји, исто така, како „мало стадо“, се обединети во човечко братство со други народи и заедници во земјите погодени од војната и доживуваат тешки искушенија во постојана опасност и неизвесност за нивните животи. Среде ваквото страдање, папата Лав постојано повикува на молитва за мир за да се запре татнежот на бомбите, да се замолчи оружјето и да му се даде можност на дијалогот во кој можат да се слушнат гласовите на народите.

Драги браќа и сестри, ние сме мал народ во оваа земја кој заедно со другите народи формира големо човечко семејство, но нашето мислење веројатно тешко ќе може да се пробие на меѓународно ниво во „игрите“ резервирани само за големите и силните. Исто така, како католичка заедница, ние претставуваме малобројност во нашата татковина, па затоа нема да биде лесно до светот да допре нашата заложба за градење мир, но сепак, свесни сме дека имаме голема сила што може да направи големи работи. Таа сила е Исус Христос. Тој е и нашето богатство. Исус Христос, и покрај нашите несовршености, живее меѓу нас. Тој ни овозможува да бидеме сведоци на надежта и спасението, и носители на светлината и правдата во времето во кое живееме. За ова сведочат и светли личности од историјата на нашата Црква, како што е нашата светица, Света Мајка Тереза од Калкута, родена тука, во Скопје. Еднаш ја прашале што направила „големо“ во светот, а таа одговорила дека не прави големи работи, туку „мали работи со голема љубов… Она што го правиме е само капка во океанот. Но, без нашата работа, океанот би бил посиромашен за таа капка“. Ова е вистината што нè води. Ние сме семе посеано на огромно поле, семе што раѓа богат плод. Тоа е семе на сочувство и љубов, а преку нас Бог е присутен на овој свет.

Драги браќа и сестри, Велигден е дар од Бога. Тој е и повик до сите кои веруваат да им помогнат на луѓето во време на криза, да бидат надежни, да внесат светлина во темнината на светот против стравовите и грижите за утрешнината и вера во иднина во која љубовта, и покрај конфликтите, ќе покаже сила дека е посилна од омразата и дека злото не може и не смее да го има последниот збор. Затоа, Велигден е причина за нашата надеж, и покрај сите конфликти и војни. Треба полека да созрееме во оваа вера“, рече бискупот Стојанов во својата велигденска проповед.