Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека договорил нови безбедносни договори со Шведска и Финска, ветувајќи дека Британија ќе ги поддржи воените сили на двете земји доколку бидат нападнати.

Џонсон ќе ги потпише новите декларации, кои Велика Британија ги опишува како „важна промена во одбранбената и безбедносната соработка“, за време на денешните посети на Шведска и Финска.

-Ние сме непоколебливи и недвосмислени во нашата поддршка за Шведска и Финска, а потпишувањето на овие безбедносни декларации е симбол на вечната доверба меѓу нашите нации, наведува Џонсон во изјавата.

-Премиерот ќе ја каже намерата на Велика Британија да ги поддржи вооружените сили на двете земји во случај на криза или напад, се вели во соопштението на британската влада.

Се очекува Шведска и Финска да се приклучат на НАТО пред се поради руската инвазија на Украина. Тие, сепак, стравуваат дека ќе бидат ранливи за време на процесот на пристапување, што може да потрае и до една година. И САД и Германија изразија поддршка за Шведска.

Според британската влада, новите договори ќе ја подобрат размената на разузнавачки информации и ќе ја забрзаат заедничката воена обука, вежби и мисии.