Вакцина против РСВ за заштита уште пред раѓање

Велика Британија започна со нова здравствена стратегија насочена кон заштита на новороденчињата од респираторниот синцицијален вирус (РСВ), преку вакцинација на бремените жени. Станува збор за инфекција која секоја година погодува илјадници бебиња, а во одредени случаи може да предизвика сериозни компликации.

Иако често се перципира како обична настинка, вирусот кај новороденчињата може да доведе до отежнато дишење, проблеми со хранење и воспаленија на белите дробови кои бараат болничко лекување.

„Според податоците на британските здравствени власти, повеќе од 20.000 бебиња годишно се хоспитализирани поради компликации од вирусот. Токму поради ова, од 2024 година во Велика Британија на бремените жени им се нуди вакцина која се употребува од 28-та недела на бременоста, со цел да се обезбеди заштита на бебето уште пред неговото раѓање“, соопшти ББС.

Истражувањата покажуваат висока ефикасност

Заштитата се постигнува преку пренос на антитела од мајката на бебето. По примањето на вакцината, организмот создава антитела кои преку плацентата се пренесуваат на плодот, овозможувајќи му почетна имунолошка заштита.

Големо истражување опфатило речиси 300.000 бебиња родени во периодот од септември 2024 до март 2025 година во Англија, што претставува околу 90 проценти од сите раѓања во тој период. Од нив, повеќе од 4.500 бебиња биле хоспитализирани.

Резултатите покажуваат дека највисоко ниво на заштита, околу 85 проценти, се постигнува кога вакцината се прима најмалку четири недели пред породувањето. Сепак, и пократок период од околу две недели може да обезбеди значителна заштита.

Вирус што може да предизвика сериозни компликации

Лекарите предупредуваат дека речиси секое второ новороденче се среќава со РСВ во првата година од животот. Кај поголемиот дел симптомите се благи, но кај предвремено родените бебиња и оние со ослабен имунолошки систем состојбата може брзо да се влоши.

Инфекцијата може да премине во бронхиолитис и воспаление на белите дробови, што дополнително го зголемува ризикот од сериозни здравствени последици.

„Кај оние со тешки инфекции може да се забележи како нивните гради и бели дробови се мачат додека се обидуваат да внесат доволно кислород“, посочува д-р Конал Вотсон, раководител на националната програма за РСВ во Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија.