Поранешниот претседател на законодавниот дом Трајко Вељаноски преку отворено писмо им се обрати на претседателот на Собранието Талат Џафери, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса, Алтернатива, Беса, Левица и другите учесници на координативните средби.
Вељаноски вели дека почувствувал потреба, како долгогодишен претседател на Собранието, да им укаже на неколку елементарни аспекти поврзани со одлуката на Уставниот суд од 21 март 2023 година, а во вррска со зголемувањето на платите на избраните и именувани функционери.
-Имајќи го во предвид истакнатото, дозволете да ве потсетам дека првото замрзнување на платите на фукционерите беше направено во 2009 година (Службен весник бр.92/09) за време на моето претседавање со Собранието, со измена и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избраните и именувани лица. Имено, заради последиците од светската економска криза од тогаш имаше само минимално годишно покачување, и тоа 5% во 2012 година, 5% во 2013 година и 4% во 2014 година, и секогаш покачувањата беа во согласност со покачувањата на пензиите, односно на стандардот на граѓаните.
Оттаму, сакам да ви порачам дека ако чекате Владата да ви достави текст на Закон, ќе се изначекате водејќи се според односот на Владата во однос на ветувањето дека ќе бидат намалени високите примања на функционерите од регулаторните тела.
-Наспроти тоа, наместо да молчите, свикајте ад-хок координација согласно член 24 став 2 од Законот за Собрание и донесете Заклучок да се изготви Закон за измена и дополнување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, а службите во Собранието професионално ќе си ја извршат задачата и за неполн час ќе го изготват Законот. Ова законско решение потоа, по итна постапка можете да го донесете уште истиот ден на итна седница и тоа ќе стапи во сила уште веднаш.
Овој предлог сфатете го како добронамерна идеја која има за цел да оневозможи да се прекрши гневот на граѓаните кон пратениците и кон Собранието како носител на закони бидејќи во минатото имало многу примери кога владата и министерствата ја префрлале одговорноста за некои непопуларни и погрешни потези кон пратениците и кон Собранието.
-Предлагам со Законот за измена и дополнување на законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија да предвидите бришење на членот 11 со кој се предвидува основицата за пресметка на плата да биде просечната месечна плата. Наместо тоа, предлагам да додадете нов член во Законот со кој ќе се утврди фиксен износ кој соодветствува на сегашните примања и на тој начин ќе се постапи по одлуката на Уставниот суд и нема да има двојство во нормирањето.
На Уставниот суд, пак, му “честитам“ за експресното постапување по иницијатива за укинување на законските одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, секако свесен од минатото дека мотивот и нарачетелот на такво експресно постапување може лесно да се лоцира надвор од оваа институција, се вели во отвореното писмо на Вељаноски.