Во денешната емисија „Топ Тема“ на телевизија Телма гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски кој истакна дека во изминатите скоро две години, актуелниот пратенички состав покажал конзистентност во работењето, истовремено упатувајќи остри критики кон политиките на претходната власт предводена од СДС.

„Сметам дека се работи во последните две години, односно поминуваат и се навршуваат 2 години од мандатот на новиот пратенички состав, покажавме конзистентност во работењето, влеговме свесни дека работите во државата не одат во добра насока, сметаме дека политиките коишто одат на штета на граѓаните како што беа во минатиот мандат политиките на СДС, преку на некој начин продажба на националните интереси, а се со цел останување на власт не вреднуваат со плод“, истакна Велјановски.

Тој додаде дека обврските преземени од тогашната власт биле направени без поширок политички консензус, што, според него, предизвикало штета и за државата и за политичките партии во опозиција.

„Единствена тема на владите на СДС предводени од Зоран Заев и Димитар Ковачевски беа токму промените кои што беа барани од нас како држава, а во однос на прашањата кои што задираат во нашиот идентитет и во нашиот континуитет како народ како што се јазикот и историјата, и сметам дека преголемиот фокус токму на тие обврски кои што си ги презеде тогашната власт без притоа да има консензус со другите политички партии направи огромна штета не само на политичките партии кои што сега се во опозиција, а тоа се СДС и ДУИ, туку направи голема штета и на државата“, вели Велјановски.

Осврнувајќи се на прашањето за заштита на националните интереси, Велјановски упати критики кон претседателот на СДС, дека со своите ставови ја ослабува позицијата на државата во однос на меѓународните преговори. Според пратеникот, изјавите поврзани со внесувањето на Бугарите во Уставот оставаат впечаток дека постои подготвеност за прифаќање уставни измени „по било која цена“ и додаде дека падот на довербата кај граѓаните кон СДС е резултат токму на ваквите политики, при што, според него, анкетите покажуваат сериозен пад на поддршката за опозициската партија.

„Кога се работи за заштита на националните интереси, имаме претседател на опозициска партија кој во секоја можна прилика ја кодоши Македонија ги руши позициите на Македонија во некое идно завземање или сегашно завземање на позиција која што ќе може да се настапи пред меѓународниот фактор. Ако претседателот на опозицијата секојденевно повторува дека вметнувањето на Бугарите во Уставот не е ништо страшно и дека тоа е заедно со другите малцинства и дека тоа е обврска која ние еднострано мора да ја спроведеме, сметам дека тоа ги руши позициите на Владата и на политичарите да направи прогрес, затоа што од другата страна кога не слушаат велат, да тука има еден дел кој е спремен да прифати измени по била која цена, во случајот да се вметнат Бугарите во Уставот. Од друга страна, од она што може да се следи на анкетите дека рејтингот на СДС вртоглаво паѓа веќе се на 4% доверба, што ги прави веќе во рангот на многу мали политички партии коишто ќе имаат влијание на идните избори и навистина остава простор на други политички партии да го завземат нивниот дел“, рече Велјановски.