Голем шумски пожар денеска избувна во селото Бигла, меѓу Македонска Каменица и Делчево. Според градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, огнот неколкупати бил ставен под контрола, но високите температури и силниот ветер повторно го разгорувале и придонесувале за негово ширење, објави Макфакс.
На терен се ангажирани околу 300 лица, меѓу кои пожарникари, припадници на институциите, волонтери и други служби. Во гаснењето учествуваат територијалните противпожарни единици од Штип, Гевгелија, Берово, Пехчево, Македонска Каменица, Кочани и Виница, а присутни се и полицијата, Црвениот крст, здравствените служби и јавните претпријатија.
Во текот на денот во интервенцијата биле вклучени и „ер-трактори“, кои дејствувале од воздух. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, ја пофалил организацијата на терен, нагласувајќи дека се мобилизирани голем број луѓе за да се спречи ширењето на огнот низ густата борова шума.
Целта е пожарот до крајот на денот да биде ставен под контрола, по што на терен треба да останат дежурни екипи кои ќе ја следат состојбата и ќе интервенираат доколку повторно се појават жаришта. Според Ангелов, пожарот избувнал околу 10 часот, откако лице палело гуми во својот дом во Бигла, но изгубило контрола врз огнот, по што пламените јазици се прошириле кон блиската борова шума.
