Американскиот Конгрес стана сцена на нови сведоштва за НЛО придружени со материјал што досега не бил јавно објавен. На седницата беше прикажано видео од 30 октомври 2024 година, на кое се гледа како воен дрон испалува ракета кон светлечки објект во близина на брегот на Јемен. Ракетата од околу 45 килограми се одбива од мистериозната сфера, која потоа продолжува со голема брзина.

Снимката ја презентираше конгресменот Ерик Бурлисон од Мисури. Поранешниот воен полицаец Џефри Нучетели, со 16 години служба во американските воздухопловни сили, ја оцени како „извонреден доказ“ за постоењето на НЛО.

Нучетели и други сведоци раскажаа дека за време на нивната служба повеќепати забележале необични објекти – од гигантски триаголници и светлечки коцки со големина на стадион, до прочуениот „Тик-Так“ што бил виден над Пацификот. Двајца ветерани тврдеа дека властите се обиделе да ги замолчат преку закани и ставaње на „црна листа“.

Поранешниот разузнавач Дилан Борланд сведочеше дека во 2012 година над базата Ленгли видел летало широко околу 30 метри кое лебдело тивко, влијаело врз неговиот мобилен телефон и за неколку секунди се издигнало на илјадници метри. Според него, по тој настан му биле блокирани можностите за ново вработување, а службите фалсификувале документи и го манипулирале неговиот безбедносен сертификат. Тој обвини дека бил цел и на „фишинг“ напади со цел да се дознае што открил пред инспекторите во ноември 2024 година.

На прашањето на конгресменката Ненси Мејс дали стравува за својот живот, Борланд одговорил дека не мисли оти некој сака да го убие, но дека неговиот углед бил уништен и сега живее од социјална помош.

Нучетели посочи и на најмалку пет инциденти во базата Ванденберг во Калифорнија помеѓу 2003 и 2005 година – меѓу нив и појава на светлечки црвен квадрат над систем за ракетна одбрана и огромен правоаголен објект долг повеќе од 90 метри. Според него, војската рутински ги уништувала сите полициски записи поврзани со вакви настани.

Сведочеше и подофицерот на американската морнарица Алехандро Вигинс, кој опиша настан од 15 февруари 2023 година. Тој изјави дека од бродот „УСС Џексон“ јужно од Калифорнија видел како непознат објект излегува од океанот, се придружува на неколку други летала и сите заедно исчезнуваат со неверојатна брзина без звучен бум или траги од погон.

На расправата се обрати и Џо Спилбергер, виш правен советник на Проектот за владин надзор (POGO), кој нагласи дека „дојавувачите“ имаат клучна улога во разоткривањето на можни злоупотреби на властите.