Обвинувања за притисок и влијание врз извештаите
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека состојбата во медиумската сфера е под влијание на политички притисоци, а не на самите медиуми. Во објава на Фејсбук, тој посочи дека ваквиот развој бил најавен уште пред неколку месеци.
„Да се потсетиме: пред четири месеци јасно кажав дека до ваков извештај за медиуми ќе дојде. Медиумите не се проблем – притисокот врз нив е“, пишува Андоновски.
Тој потсети и на претходно интервју, во кое, како што наведува, предупредил за последиците од политички кампањи насочени кон медиуми.
„На ова интервју во јануари, јасно предупредив: Недозволиво е политичка партија да спроведува кампања против медиум. Тоа ќе има ефект врз меѓународните извештаи и перцепцијата.“
Законски измени и критики кон опозицијата
Андоновски тврди дека во изминатиот период имало обиди за притисок врз новинари, што според него негативно се одразува врз медиумската средина и оценките од странство.
„Со месеци гледаме обиди на СДСМ за дискредитација и притисок врз новинари – токму тоа е она што ја нарушува медиумската средина и влијае на меѓународните оценки.“
Во исто време, тој истакна дека институциите презеле чекори за подобрување на состојбата, особено во делот на онлајн медиумите.
„Спротивно од тоа ние направивме конкретен чекор напред: за првпат онлајн медиумите се препознаени во Законот за медиуми, со што се зајакнува нивната позиција и заштита.“
На крајот, министерот повторно нагласи дека проблемот не е во извештаите, туку во однесувањето кон медиумите.
„Не може да зборувате за медиумски слободи, а истовремено да вршите притисок врз медиуми. Проблемот не е извештајот – проблемот е притисокот од СДСМ.“
