Нема тема на којашто градоначалникот во заминување Петре Шилегов не ја лаже македонската јавност. Дава одговори со неточна и лажна содржина постојано овие четири години, а тие лаги ги чинат скопјани стотици илјади евра, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски на денешната прес-конференција.
Зборовите на Шилегов се „ќе чини НУЛА денари и градот за тоа нема да плати средства“ – рече Шилегов на крај на 2019 година. Во септември 2020 вели платил 80.000 за ѕвездата, а пари од градот биле дадени за бројни настани. Притоа вели дека парите биле дадени и за други настани, како на пример за пречекот на ракометарите.
Еве ја вистината, со документи и потписи на Шилегов и неговите назначени директори.
Прв договор кој ќе ви го презентирам е Договор на Град Скопје со МКЦ за – прецизно наведено – исплата на активности поврзани со дочек на нова 2020 година. Вредноста на договорот е 9.660.000 денари.
Опфаќа: Изнајмување техничка опрема 1.500.000 денари, Други оперативни трошоци 800.000 денари; Сместување на учесници, транспорт, авторски надоместоци, маркетинг, се заедно договорот вреди 9.660.000 денари.
Дел од овие средства во висина од 1.300.000 ќе се дадат како АВАНС за за отпочнување на предновогодишни активности, а другите пари ќе бидат дадени по концертот, до 15.03.2020 година.
Потпис, градоначалник на Скопје Петре Шилегов и ЈУ МКЦ Русе Арсов, вели Андоновски.
Посочува дека разбиена е една голема лага, а тоа е дека парите се употребени за пречекот на ракометарите, со бина и озвучување. За тоа има и друг документ.
-На овој договор пак следува АНЕКС 2 на истиот Договор меѓу Шилегов и Арсов, со кој што внимавајте, се опфаќа ИЗМЕНА на деловите – Изнајмување техничка опрема и од 1.500.000 денари станува 6.500.000 денари, пет милиони денари повеќе; а ставката Други оперативни трошоци од 800.000 денари стануваат 3.160.000 денари. Така, договорот за организација меѓу Скопје и МКЦ станува потежок и со анексот вреди 12.020.000. Договорот од 157.000 евра станува речиси безмалку 200.000 евра, односно 40.000 евра повеќе! За новогодишната прослава за којашто Шилегов велеше НУЛА денари ќе ги чини граѓаните, ги чинела граѓаните 200.000 евра! Наместо нула денари, 200 илјади евра. Првичните 9.660.000 веќе стануваат колку за првите две ставки, колку што требало да чини целиот договор. Со Анексот цената на договорот е плус 40 илјади евра.
Следува дел во којшто се крши договорот и МКЦ спротивно на Закон за јавни набавки избира здружението Дирекција за култура и уметност на Скопје како коорганизатор на тој настан. И тоа коорганизатор само за двете ставки кои имаат речиси 50.000 евра повеќе од Анекс 2.
На МКЦ должноста му е да го обезбеди главниот изведувач Дино Мерлин и неговиот оркестар , како и преку спонзорства и донации да се обезбеди хонорарот за Дино Мерлин.
И еве го договорот со Дино Мерлин. Тука хонорарот е 100.000 евра во нето сума.
Ова е Трошковникот на Дирекцијата чиишто пари се обезбедени со Анекс 2 кој видовме дека има напумпани цени. Најголем дел од нив оди за изнајмување техничка опрема, замислете за техничка опрема.
2,460,000 денари за Берар – техничка поддршка и 2,648,805 денари за ДВД ПЕТ техничка поддршка. Тоа се вкупно 5,109,605 или над 83.000 евра. За две фирми за техничка поддршка за настан организиран од МКЦ.
Речиси еден милион денари зема Дирекцијата за реализација, со што сумата се качува на цели 100.000 евра. Колку за Дино Мерлин, толку за озвучување само за две компании.
Една од фирмите, ДВД ПЕТ е истата фирма блиска на Шилегов од којашто и Универзалната сала изнајмувала опрема иако истата не работи со години, но и фирма за којашто Дирекцијата за заштита на конкуреннцијата смета дека е фаворизирана и дека по тој основ во континуитет добивала 41 тендер од МКЦ и Универзална сала и други институции, во вредност од 1.500.000 евра. И за ова поседуваме документи кои докажуваат дека оваа фирма е фаворизирана од градските институции.
Почитувани, сето ова покажа дека прославата на нова година за 2020-та која што според Петре првично чинеше нула, за која лажеше дека чини 80.000 евра, на крај завршува со 300.000 евра пари на скопјани.
Математиката е јасна. Договорот и анексот на Шилегов со МКЦ чини 200.000, а договорот со Дино Мерлин е јасен и чини 100.000 евра.
Прашање е дали воопшто има спонзори или фирмите добро познати на Шилегов кои заработиле милионски суми заради фаворизирање , биле покритие за пари од Градот да бидат дадени како наводна донација за концертот?
Почитувани, најцрните напади и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон кандидатите за градоначалници започнаа кога беше кажано дека ќе има ревизија на сите договори направени и во Град Скопје и во општините. Ревизија ќе има! За Скопје нема полошо од Петре Шилегов, нагласува Андоновски.