Убедлива победа на Реал Мадрид над РБ Лајпциг, реми меѓу Баерн Минхен и Арсенал, како и минималниот триумф на Интер на гостувањето кај Шахтјор Доњецк во рамките на Лигата на шампиони.

Реал Мадрид продолжи со максимален учинок во досегашниот дел од натпреварувањето, откако на „Сантијаго Бернабеу“ го совлада РБ Лајпциг со 4-1. Гостите уште на почетокот покажаа дека нема да бидат лесен противник, а Ромуло Кардосо во неколку наврати се најде во одлични позиции за гол.

Сепак, Дин Хаусен и Тибо Куртоа добро реагираа и ги спречија првите сериозни закани кон домашниот гол.

Лајпциг продолжи да се заканува преку Антонио Нуса, кој создаваше проблеми по левата страна, но и Реал имаше свои можности. Арда Ѓулер одлично го проигра Бернардо Силва во шеснаесетникот, но Португалецот не успеа да упати доволно прецизен удар. Подоцна, Ѓулер повторно создаде опасност со продор по десната страна, но немаше соиграч кој ќе ја претвори неговата топка во гол

Најголемата шанса за Лајпциг во првиот дел ја имаше Ромуло, кој повторно излезе сам пред Куртоа, но белгискиот голман го доби директниот дуел. Казната за промашувањата на гостите стигна непосредно пред паузата. По комбинацијата меѓу Килијан Мбапе, Федерико Валверде и Ѓулер, голманот на Лајпциг не успеа да ја задржи топката која ја упати Турчинот, а Бернардо Силва ја искористи одбиената топка и од непосредна близина погоди за 1-0.

Реал го удвои водството во 52. минута. Џуд Белингем испрати одлична топка кон втората статива, Мбапе ја спушти со глава, а Ѓулер од само еден метар ја затресе мрежата за 2-0. Лајпциг се обиде да се врати во натпреварот, но Мбапе ги разреши дилемите седум минути пред крајот, кога со прекрасен удар од работ на шеснаесетникот ја испрати топката во горниот десен агол.

Тидиам Гомис потоа намали на 3-1 по брз напад на гостите, но Јан Диоманде со моќен волеј ги постави конечните 4-1. Реал така ја продолжи победничката серија во Лигата на шампионите и доби дополнителен поттик пред неделното „Ел Класико“ против Барселона.

Во дербито на вечерта, Баерн Минхен и Арсенал одиграа 2-2 на „Алијанц арената“ во натпревар исполнет со брзи транзиции, тактички надмудрувања и квалитетни индивидуални потези. Баерн се обиде да го искористи домашниот терен со директна и агресивна игра, додека Арсенал настојуваше да ја задржи компактноста и да ги искористи празнините во одбраната на германскиот тим.

Арсенал прв зададе удар во 25. минута. Мартин Одегард испрати долга топка кон Еберечи Езе, кој ја искористи недоволната организираност во одбраната на Баерн и ја затресе мрежата за водство на гостите. Баварците, сепак, брзо одговорија. Во 35. минута Хари Кејн се повлече подлабоко кон средината на теренот и со одлично додавање го проигра Алфонсо Дејвис, кој ја искористи шансата.

Во продолжението Баерн се обиде да го наметне својот ритам и да создаде повеќе простор во последната третина од теренот. Арсенал, од друга страна, се потпираше на дисциплинирана одбрана и брзи напади кога ќе ја освои топката. Двата тима имаа свои периоди на подобра игра, а Баерн успеа да создаде повеќе шанси.

Клучниот момент се случи во 61. минута, кога Јуриен Тимбер играше со рака во шеснаесетникот. Баерн доби пенал и можност да ја круниса својата офанзивна иницијатива. Кејн беше сигурен од белата точка, но, Арсенал не се предаде и продолжи да бара начин да го загрози домашниот гол. Во 82. минута „Топчиите“ го израмнија резултатот преку акција по десната страна која ја круниса Деклан Рајс. На крајот, двата тима мораа да се задоволат со реми од 2-2.

Интер, пак, славеше со 1-0 на гостувањето кај Шахтјор Доњецк во натпревар во кој италијанскиот тим имаше играч помалку поради црвениот картон на Бастони. Гостите имаа иницијатива во поголемиот дел од првото полувреме, но тешко доаѓаа до чисти шанси. Шахтјор, од друга страна, знаеше да го искористи просторот и неколкупати сериозно се закани преку Валериј Бондар и Олег Очеретко.

Стрелец за Интер беше Карлос Аугусто, кој во 75. минута, по одлично организиран контранапад, ја заврши акцијата со прецизен удар. Шахтјор тргна во потрага по израмнување и во завршницата имаше сериозни можности преку Њуертон и Микола Матвиенко, но Интер успеа да ја зачува предноста и да ги освои трите бода.

На останатите терени, Астон вила го победи Викинг со 3-1, Бетис со пеналот на Иско славеше со 1-0 против Фејенорд, Клуб Бриж без проблеми на домашен терен славеше со 3-0 против Ланс, додека пак изненадувањето на вечерта дојде во Лисабон каде што аутсајдерот Ласк го победи Спортинг со 3-2.