Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, изјави дека бугарските барања кон Северна Македонија се нормални и не треба да се гледаат како каприц. Изјавата доаѓа пред почетокот на форумот „Европската Унија се среќава со Балканот“, каде што Јотова и еврокомесарката Марта Кос ќе разговараат за визијата на ЕУ за проширување кон Западен Балкан.

„Ова ќе биде моја прва средба со комесарката Кос. Сакаме да слушнеме каков е нејзиниот став за иднината на проширувањето. Моја опсервација е дека оваа тема е целосно занемарена последните месеци“, изјави Јотова пред почетокот на настанот.

Јотова потврди дека на форумот ќе го пренесе ставот на Бугарија за Северна Македонија, оценувајќи дека дебатата и во Бугарија и на европската сцена е искривена. Според неа, македонските власти се обидуваат да ги прикажат бугарските барања – како што е почитувањето на европските критериуми – како каприц или билатерална блокада, што, според неа, не одговара на вистината.

„Според мене, оваа дебата се искривува и кај нас во Бугарија и на европската сцена. Има обид на нашите колеги од Северна Македонија да ги претстават нормалните барања на Бугарија – почитувањето на европските критериуми – како речиси каприц од наша страна, а дополнително се обидуваат да ги стават во билатерална блокада, што не е точно“, коментира потпретседателката Јотова.