WTTC предупредува на можни последици од новиот систем за влез во Шенген-зоната

Европскиот туристички сектор би можел да претрпи сериозни загуби доколку воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) доведе до повеќечасовни задржувања на граничните премини, предупредува Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC).

Според проценките на организацијата, доколку патниците редовно чекаат меѓу три и четири часа при влез во Шенген-зоната, под ризик би можеле да се најдат дури 41 милион посетители, како и туристичка потрошувачка вредна 45,4 милијарди долари.

Анализата се темели на истражување спроведено меѓу повеќе од 2.500 патници од Велика Британија, САД, Канада и Австралија. Резултатите покажуваат дека околу една третина од анкетираните би имале значително помал интерес за патување во земјите од Шенген-зоната или целосно би се откажале од таква посета доколку долгите чекања станат вообичаена појава.

Британците најмногу стравуваат од долгите задржувања

Најголема загриженост покажале патниците од Велика Британија. Дури 39 проценти од нив изјавиле дека би размислиле повторно дали да патуваат доколку на граница мора да чекаат повеќе од три часа.

Кај патниците од САД и Канада тој процент изнесува 33, додека 27 проценти од Австралијците навеле дека долгите редици би влијаеле врз нивната одлука за патување.

Претседателката и извршна директорка на WTTC, Глорија Гевара, оцени дека системот ЕЕС претставува важен чекор кон модернизирање на граничните процедури и зајакнување на безбедноста, но предупреди дека неговото воведување мора внимателно да се организира.

„Предизвикот не е дали ЕЕС треба да се спроведе, туку како владите, граничните власти и туристичкиот сектор ќе соработуваат за да обезбедат што е можно понепречено искуство за патниците“, порача Гевара.

Истражувањето покажува и дека поддршката за новиот систем е релативно висока. Откако биле информирани како функционира ЕЕС, 65 проценти од испитаниците изразиле поддршка за неговото воведување, додека само шест проценти се изјасниле негативно кон користењето биометриски гранични контроли.