Силно невреме со обилен дожд вечерва ја погоди Битола, при што повеќе улици и крстосници беа поплавени, а движењето на возилата беше значително отежнато. Големите количества вода ги претворија дел од градските сообраќајници во вистински реки, објави 4news.mk.
Најкритична била состојбата во централното градско подрачје, каде на одредени крстосници се насобрале големи количества вода и се создале услови слични на езера. Особено ризично било кај Безистенот, во строгиот центар на Битола, каде дел од возилата се движеле низ вода што достигнувала речиси до половина од нивната висина.
Поради силниот интензитет на дождот, водата се слевала од повисоките кон пониските делови на градот. Дел од граѓаните останале заглавени на улиците и тешко успевале да стигнат до своите домови, додека проблеми со движењето имало и во населбите Стрчин и Карпош, каде исто така биле поплавени повеќе сообраќајници.
Надлежните продолжуваат да ја следат состојбата, а граѓаните се повикуваат на внимателност поради можни нови врнежи и дополнителни последици од невремето.
