НАЈАВЕНАТАТА РЕКОНСТРУКЦИЈА СТАНУВА РЕАЛНОСТ

Министерството за спорт ја отпочнува најавената реконструкција на спортската сала во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје што ја спроведува во соработка со ректоратот на УКИМ, во рамките на програмата за изградба и санација на спортската инфраструктура. Инвестицијата за реализација на овој инфраструктурен проект изнесува 54 милиони денари.

Спортската сала која првенствено е наменета за студентите на Универзитетот, со години беше вон употреба поради запуштеност на објектот.

„Ова не смее да биде лицето на спортот во Македонија!“ – порача министерот за спорт, Борко Ристовски, по увидот на состојбата во која е затекнат овој спортски објект.

 

ВЕТУВАЊАТА ИМААТ ТЕЖИНА САМО АКО ГИ ОСТВАРУВАТЕ

Од страна на УКИМ изработен е и доставен целосен проект за реконструкција на спортската сала и поднесено е барање за добивање на одобрение за реконструкција до Министерството за транспорт и врски, по што Министерството за спорт на почетокот на месец октомври годинава ја отпочна тендерската постапка за избор на изведувач.

„Ветувањата имаат тежина само ако ги остварувате! Ветувањето дадено по моето назначување за министер за спорт, за комплетна реконструкција и санација на спортската сала на УКИМ, добива конкретна реализација. Министерството за спорт го објави јавниот повик за избор на изведувач и можам да најавам дека студентите наскоро ќе имаат комплетно нова сала“, објави министерот Ристовски.

Рокот за реконструкција на спортската сала на УКИМ, согласно тендерската документација, е предвиден за 15 месеци од денот на вовед во работата на изведувачот на градежните работи. Вредноста на комплетната реконструкција на салата што ја спроведува Министерството за спорт изнесува 54 милиони денари.