Шпанската Цивилна гарда откри високо софистициран подземен бункер со 1.954 стебла канабис сместен точно под детско игралиште во гратчето Лас Габијас, во непосредна близина на Гранада. Полициската операција насловена „Назари-Сабика 04“ резултираше со целосно разбивање на криминална мрежа која дистрибуирала опрема и супстанции до слични групи низ целата територија на Шпанија.
На површината просторот изгледал како сосема вообичаен семеен двор уреден со вештачка трева, детска лулашка, играчка-куќичка и душек за скокање. Меѓутоа, под тревникот бил монтиран скриен механизам што активирал хидраулична врата за подигнување.
Самиот подземен објект се протегал на површина од околу 180 квадратни метри и имал висина од 5 метри. Во него била изградена и транспортна рампа со доволна големина за непречен влез на товарни возила.
Внатрешноста била проектирана во две големи хали опремени со модерни системи за вештачко осветлување, вентилација и прецизна контрола на микроклимата. Бункерот бил илегално поврзан на електричната мрежа преку див приклучок, при што трошел енергија колку стотина просечни домаќинства.
Откривањето на подземната лабораторија било плод на повеќе од една година континуирана разузнавачка истрага водена од Групата за криминалистичка анализа и разузнавање (ГАИЦ) и истражниот оддел на Цивилната гарда од Лас Габијас.
Инспекторите го следеле движењето на главниот организатор, кој истовремено раководел со специјализирана продавница за опрема наменета за одгледување канабис. Преку таа регистрирана дејност тој снабдувал други криминални структури, но истовремено набавувал ресурси за сопственото илегално производство.
Безбедносните агенти успеале да лоцираат надворешна трафостаница од која бил изведен дивиот приклучок за напојување на лабораторијата. Токму невообичаено големата потрошувачка на струја послужила како еден од клучните материјални докази дека на локацијата се одвива масовно и организирано производство.
Откако биле прибрани сите потребни докази, полициските сили реализирале 13 истовремени претреси на разни локации низ Гранада и околината, при што на имотот во Лас Габијас бил детектиран тајниот премин под игралиштето.
Во акцијата се уапсени пет лица, вклучително и главниот организатор на групата кому му е одредена мерка притвор. Уште три лица се опфатени со кривична истрага за неовластено производство и трговија со дрога, како и за кражба на електрична енергија.
Покрај бункерот, органите на редот откриле дополнителни две помали плантажи и затвориле специјализирана продавница за опрема за одгледување канабис вредна неколку милиони евра.
Истражните органи наведуваат дека станува збор за најголемата и технички најнапредна подземна инфраструктура за одгледување канабис досега евидентирана во провинцијата Гранада.
Според податоците на шпанските служби, во земјата претходно биле откривани слични објекти, како во операцијата од 2021 година кога беше запленет подземен простор од над 200 квадратни метри со 2.466 стебла канабис.
