Зоран Трифуновски-Жаба, организацискиот секретар на СДСМ, во „Претрес со Ландов“ потврди дека се сретнал со Зоран Заев во Грција пред да се врати во Македонија по бегството во Шпанија.

Тој во 2013 година, беше обвинет дека учествувал во прободување на директорот на Водовод-Охрид за време на митинг на СДСМ, поради претходно нерасчистени сметки поврзани со тендер. Но, во разговорот даде различни формулации за местото на средбата со Заев пред да се предаде на органите во Македонија.

Прво рече дека бил во вилата, а потоа појаснуваше дека разговарале во близина на вилата.

На прашањето колкупати бил во куќата на Заев во Грција заедно со сопругата, Трифуновски одговори дека бил еднаш, без неа.

Откако водителот Кристијан Ландов го праша дали тоа значи дека Заев го примил во вилата додека бил баран со потерница во Македонија, Трифуновски даде поинакво објаснување.

„Не во вилата, во близина на вилата имав разговор“, рече тој.

Ландов го соочи со претходниот одговор и повеќепати побара да разјасни дали бил внатре или во близина.

Организацискиот секретар на СДСМ потврди и дека Заев бил меѓу луѓето што му помогнале додека бил во бегство.

„Еден од пријателите што ми помогнал и што сум му благодарен е Заев“, изјави Трифуновски, додавајќи дека поддршка добивал и од други пријатели од СДСМ.

Тој одговараше дали се криел во вилата на Заев. Појасни и колку време останал во Грција, пред да дојде во Македонија и да се предаде.

Трифуновски доби повторно судење, а пресудата беше донесена во време кога СДСМ беше вратена на власт. Тогаш, истиот судија, кој му одреди 6,4 години затвор, донесе ослободителна пресуда.