Инженерски чуда се прават на трасата Кичево – Охрид само да се заврши автопатот којшто е значаен за македонските граѓани. Владата останува решена целосно да го изгради овој проект кој важи за еден од најсложените и најтешките градежни потфати во поновата македонска историја. Терен е исклучилно тежок, но и покрај тоа на трасата моментално се реализираат уникатни и комплексни инженерски решенија, кои за првпат се применуваат не само во Македонија, туку и во целиот регион.

Фокус на стабилизација на косините и спречување свлечишта

Во моментов, градежните активности се насочени кон зацврстување на стрмните косини и стабилизација на земјиштето, каде постои сериозен ризик од свлечишта. Министерот за транспорт, Александар Николоски објави дека ќе се изградат 14 галерии кои првпат се изведуваат во целиот регион.

„Најтешкиот дел од автопатот Охрид – Кичево го решаваме со изградба на 14 ГАЛЕРИИ кои прв пат се изведуваат во Македонија и во регионот. Буквално пробиваме планини, стабилизираме косини коишто се од 100 до 200 метри, вкупно решаваме 16 косини, нешто што прв пат се случува во Македонија, но и во регионот!” – објави вицепремиерот Николоски

На иста релација со министерот Николоски е и стручната јавност. Тие предупредуваат дека теренот е морфолошки и геолошки исклучително сложен, но уверени се дека работите се одвиваат согласно планираната динамика и дека со примена на современи инженерски решенија, техничките предизвици успешно се надминуваат.

Професор Јовановски: Проектот е тежок, но изводлив

Професорот на Градежниот факултет Милорад Јовановски истакнува дека автопатот Кичево – Охрид подолг период се гради, но дека во моментов се интензивирани сите напори за негово финализирање. Како што посочува, во тек е завршна подготовка на техничката документација, паралелно со интензивна изведба на терен, при што постепено се решаваат сите технички аспекти и проблеми. Тој изразува надеж дека роковите ќе бидат испочитувани, со можно минимално пролонгирање.

“Иако знаете, веќе еден дел од автопатот е во функција, сега се работи поинтензивно на другиот дел, каде што е потежок и морфолшки и геолошки, реално објектот е тежок за изведба, кога велам објект не мислам на одредени мостови, туку општо за цела делница, и ако се оди според планот ќе се заврши во предвидениот рок” изјави професорот Јовановски.

Николоски: Се решаваат проблеми стари повеќе од една деценија

Изградбата на автопатот влезе во најтешката фаза, бидејќи работите се одвиваат на најкомплицираниот дел од трасата, кој минува низ планински и нестабилен терен. Иако дел од автопатот веќе е пуштен во сообраќај, актуелните зафати се концентрирани на делницата која е најсложена за изведба. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека се работи за најтешкиот инженерски проект во регионот, со зафати што опфаќаат стабилизација на 16 косини, од кои 14 ќе се обезбедат со таканаречени галерии од армиран бетон – решение кое досега не било применето во регионот.

Повеќе може да погледнете од видеото:

Автопатот, чија изградба започна во 2014 година, по долгогодишни пролонгирања и зголемување на инвестицијата од првично планираните 374 милиони евра на 598 милиони евра, во последните 18 месеци бележи значителен напредок. Владата, како што беше посочено, има јасна цел проектот не само да се заврши, туку да биде и долгорочно безбеден и функционален патен правец од стратешко значење за државата и регионот.