Министерството за внатрешни работи вчера презеде низа мерки и активности за расчистување на кривичното дело убиство, кое беше извршено на паркинг простор пред ТЦ „Мавровка“, соопштија оттаму, додавајќи дека мерките и активностите продолжија и во текот на вечерта.
Веднаш по добиената пријава за пукање во близина на ТЦ „Мавровка”, при што бил застрелан В.Е.(59), кој починал на местото на настанот, веднаш се преземени низа оперативно тактички мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје за пронаоѓање и лишување од слобода на сторителите. Извршени се претреси и прегледи на повеќе локации и возила, а беа ангажирани и полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции, хеликоптери и дронови. Приведени се две лица за кои постојат основи на сомнение дека се сторители на кривично дело „убиство“ казниво по член 123 од КЗ, кои ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка по целосно расчистување и документирање на случајот. Се преземаат мерки за пронаоѓање и на третото осомничено лице односно целосно расчистување на случајот во координација со ОЈО Скопје. Во текот на денот од страна на СВР Скопје по издадени наредби од страна на судија на претходна постапка извршени се претреси на четири локации за кои постојат индиции дека престојувале лицата инволвирани во кривичното дело. При преземањето на мерките и активностите пронајдени се доволен број на материјални докази. СВР Скопје и вечерва спроведува низа на оперативно тактички мерки со цел лишување од слобода на третото осомничено лице. По целосното расчистување на случајот, МВР соодветно ќе ја информира јавноста, соопшти МВР вчера.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, пак, oбјави видео од дел од акцијата.
Полицијата реагираше веднаш со сите расположливи ресурси, вклучувајќи ги комбинирани полициски и истражни методи. Итно беа активирани и преземени сите мерки, со цел да се обезбеди безбедноста на граѓаните.
Нашата цел е да не дозволиме градот и државата да се претворат во полигон на пресметки на криминални групи.
Законот и редот се и ќе бидат над криминално-мафијашките структури.Криминалот нема етничка или партиска припадност, а нашиот одговор е и ќе биде жесток и без компромис. Сите граѓани треба да се чувствуваат безбедно, а ние ќе продолжиме да работиме со најголема одговорност и ангажираност за да се оствари тоа. Ве молиме да бидете внимателни и да соработувате со полицијата. Вашата безбедност е наш приоритет и нема да се задоволиме додека не го вратиме спокојот и сигурноста во нашиот град. Македонија е над се и држава за сите нас, во која сите ние и нашите деца треба да живееме и да се чувствуваме безбедно, порача тој.