Гордон Ремзи има нова голема причина за семејно славење. Неговата 26-годишна ќерка Холи и нејзиниот сопруг, познатиот 31-годишен олимписки шампион во пливање Адам Пити, го добија своето прво заедничко дете, ќеркичката Дафне Џун Ремзи-Пити. Радосната вест парот ја сподели на платформата Инстаграм, каде што објавија и први емотивни фотографии со новороденчето.

„Дафне Џун Ремзи-Пити, добредојде на светот. Засекогаш ќе бидеш нашето прекрасно девојче и помала сестра на Џорџ. Им благодариме на сите лекари, медицински сестри и акушерки кои се погрижија да бидеме безбедни, здрави и среќни. Засекогаш ќе им бидеме благодарни“, напишаа среќните родители во заедничката објава.

Славниот готвач веднаш се огласи во коментарите под објавата и отворено ја изрази својата среќа, порачувајќи: „Добредојде, госпоѓице Дафне. Честитки за Адам и Холи. Леле, леле, леле!“, при што додаде и симболи со црвени срца. За него и за неговата сопруга Тана, ова новороденче претставува прво внуче во семејството.

Светски познатиот кулинарски мајстор уште на 18 ноември, за време на свечената церемонија на која доби своја ѕвезда на Холивудската патека на славните, откри пред јавноста дека неговото семејство наскоро очекува принова. Неговата ќерка Холи не присуствуваше на тој настан бидејќи веќе беше во самиот финиш од бременоста.

„Семејството Ремзи станува поголемо. За неколку дена го добиваме нашето прво внуче“, изјави тогаш Ремзи во обраќањето.

Во кусиот разговор со новинарите веднаш по завршувањето на свеченоста, 60-годишниот готвач откри и каков прекар посакува да му дадат внуците во иднина. Тој напомена дека сака да го ословуваат со „Papa G“ (Папа Џи), признавајќи дека иако порано помислата на дедовската улога му делувала застрашувачки, сега со огромно нетрпение влегува во ова ново животно поглавје.

Холи и Адам стапија во брак на 27 декември 2025 година во историскиот храм Bath Abbey во Велика Британија, на прослава исполнета со бројни познати личности. Нивното познанство започнало преку сестрата Тили, која во 2021 година беше дел од британскиот ТВ-проект „Strictly Come Dancing“, каде што се натпреваруваше и пливачот.

За Холи ова е прво дете, додека нејзиниот партнер Адам Пити од претходната врска со поранешната партнерка Еиријанед Монро го има шестгодишниот син Џорџ.