Германската полиција соопшти дека мажот се пожалил на пецкање во раката и градите додека полицијата ја проверувала неговата лична карта во берлинскиот кварт Мите, каде илјадници демонстранти се собраа и покрај официјалната забрана за протести.

Полицијата му пружила прва помош на мажот додека не пристигнала брза помош и го однела во болница, каде подоцна починал, соопшти полицијата.

За неговата смрт е отворена истрага.

За време на протестот, на кој дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите, беа приведени околу 600 луѓе. Портпаролката на полицијата рече дека властите сѐ уште се обидуваат да утврдат колку демонстранти и полицајци се повредени.

Германија олесни многу од мерките воведени во врвот на пандемијата, но некои мерки како што се носење маски во затворени простории и покажување негативни тестови за ковид -19 или сертификати за вакцинација сѐ уште се во сила.