Локалните медиуми јавија дека по инцидентот во Атами, во префектурата Шизуока, југо-западно од Токио, не се знае судбината на околу 20 лица.

Спасувачките екипи трагаа по исчезнатите, додава германската агенција.

Во видео објавено на социјалните мрежи се гледа моментот кога огромното количество вода и кал минуваат низ Атами, уништувајќи неколку куќи, додека преплашените жители бегаат за да спасат животи.

Јапонскиот премиер Јошихиде Суга се состана со министерот за вонредни ситуации поради ситуацијата во Атами, а локалните власти побараа помош и од јапонската армија.

Поради покачувањето на нивото на локалните реки, властите во префектурата Канагава, јужно од Токио, им наредија на граѓаните веднаш да ја осигурат нивната безбедност, и издадоа највисоко ниво на предупредување и повик за евакуација.

Во последните 10 години, според официјалните податоци, во Јапонија има просечно годишно речиси 1.500 свлечишта, речиси двојно повеќе отколку во претходната деценија, а експертите оваа појава ја припишуваат на зголемените врнежи од дожд поради климатските промени.

Јапонската метеоролошка служба ја предупреди јавноста за нови свлечишта, поплави и надојдени реки.