Илјадници емотивни обожаватели излегоа на улиците за да ѝ оддадат последна почит на легендарната пејачка Бони Тајлер, додека нејзиниот ковчег се пренесуваше кон нејзиниот дом во Свонси.

Изведувачката на незаборавниот хит „Total Eclipse of the Heart“ ненадејно почина на 8 јули, на 75-годишна возраст, во болница во Португалија, пишува „Би-би-си“.

Иако успеа да го освои светот со своите хитови, жителите од нејзиниот роден крај ја опишуваат како девојка која никогаш не заборави од каде потекнува. Огромен број луѓе се собраа на улиците додека возилото поминуваше низ нејзиниот роден град.

Додека минуваше поворката, од звучниците одекнуваше песната „Total Eclipse of the Heart“, а расплаканите обожаватели ја испратија со силен аплауз. Ковчегот беше покриен со знамето на Велс, а покрај него стоеше нејзина врамена фотографија.

Присутните фрлаа цвеќе врз возилото, а стотици луѓе пешачеа зад ковчегот сè до крајот на улицата.

„Беше прекрасна, исто како пријател што го познаваш цел живот. Мајка ми му ја шишаше косата на сопругот на Бони, Боб, па тој нè пушташе во ноќните клубови што ги водеше во градот без да чекаме ред. Всушност, мајка ми и татко ми се запознаа во еден од тие клубови, каде што Бони редовно пееше. Татко ми сега е болен, па дојдов во име на целото семејство да ѝ се заблагодарам. Годинава ја сретнав неколку пати и во продавница и на лет за Португалија“, рече Ангела Пауел, која меѓу првите пристигна да ѝ оддаде почит.

Прошталната церемонија и одбележувањето на нејзиниот живот ќе продолжат в понеделник, во црквата „Света Марија“ во Свонси. Потоа, поворката ќе помине низ нејзиното родно место, а погребот ќе се одржи само во кругот на семејството.

Бони Тајлер, чие вистинско име е Гејнор Хопкинс, порасна во скромно семејство во Неат. Зад себе го остави сопругот Роберт Саливан, со кого беше во брак повеќе од 50 години.

Таа беше откриена од музички менаџер во еден клуб во Свонси, а првиот сингл го објави во 1977 година. Нејзиниот најголем хит „Total Eclipse of the Heart“ излезе во 1983 година и го освои самиот врв на сите светски топ-листи, правејќи ја првата личност од Велс со песна број еден во Америка.