Ужасни сцени синоќа го шокираа аудиториумот на дуелот од Лигата на Европа помеѓу екипите на Олимпик Марсеј и Левски кој се одигра во Франција, а за кој во составот беше македонскиот репрезентативец Никола Серафимов.
Пет навивачи на гостите завршија во болница по сериозните инциденти на трибините помеѓу двете групи. Пред самиот старт на мечот, на делот каде што на трибините на стадионот „Велодром“ се наоѓаа навивачите на Левски, дојде до сериозен физички инцидент.
Раководството на Левски веќе поднесе официјална жалба до УЕФА, додека францускиот Олимпик Марсеј, кој го доби натпреварот со резултат 1:0, најверојатно ќе се соочи со сериозни дисциплински санкции. Според првичните најави, можно е клубот дури и да биде исфрлен од понатамошните натпревари во Лигата на Европа.
По повод немирите реагираше и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која побара сторителите на насилството веднаш да сносат кривична одговорност. Таа јавно изјави дека Бугарија е подготвена да им ја пружи сета неопходна медицинска и конзуларна помош на повредените граѓани.
