Штип, како брзо растечки град, почна да креира нови потреби за развој и инфраструктурен напредок. Нашата визија е да создадеме адаптибилен град и да ги задоволиме интересите на сите граѓани во нашата општина, нешто кое веќе почнавме да го правиме на порталот за идеи novaidninazastip.mk, каде секој има можност да учествува во изградбата на нашиот град и да влијае врз приоритетите на Штип, истакна на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник за општина Штип од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов.

Во продолжение интегрален текст и видео од прес-конференцијата на Јорданов:

-Во патната инфраструктура предвидуваме продолжување на булеварот „Партизанска“ и зајакнување на врската на едната, со другата страна на градот. Конечно ќе ја изградиме обиколницата од булевар Гоце Делчев до Ново Село, преку населба Пребег, со што ќе создадеме транзитна линија за граѓаните на Општина Штип. Зајакнување на безбедноста на крстосницата на улиците „Сремски Фронт“ и „Борис Крајгер“, преку нејзина реконструкција, како најкритична точка во сообраќајната инфраструктура.

Во урбаната инфраструктура Јорданов најави тесна соработка со здруженијата на граѓани за изградба на дом за стари лица и регионален центар за деца и возрасни со посебни потреби, како и изградба на достоинствено место за престој на улични животни.

-Промена и реконструкција на старата, дотрајана и опасна водоводна мрежа ќе биде наш приоритет, а нова канализациона мрежа ќе изградиме во населбите каде тоа е нерешен проблем со години. Училиштата ќе добијат фотоволтаични панели за производство на електрична енергија, со што ќе ги намалиме трошоците за електична енергија, кои што средства ќе ги пренасочиме за други капитални инвестиции за поддршка на образовниот процес, потенцира Јорданов.